Нашата приказна

Merakzy е првиот веб-базиран софтвер за комплетно менаџирање и автоматизација на работните процеси во туристичките агенции, нивната меѓусебна соработка со субагентите како и онлајн резервација на пакет-аранжмани за првпат на Балканот. Тој е изграден со многу љубов, страст, упорност и посветеност од страна на мал визионерски тим од Скопје, кој уште од првиот работен ден, е посветен на остварување на зацртаните компаниски цели.

Дел од вас, агенциите го паметите софтверот „MBooking“, којшто на крајот од летната сезона во 2015 година, ви овозможи ефикасен и едноставен менаџмент на работните процеси и онлајн букирање на аранжмани на крајните корисници. Платформата е поврзана со веб-сервисот АјдеНаОдмор.мк којшто е изграден во 2012 година, кој во тоа време беше популарен и докажан агрегатор и онлајн букинг апликација на аранжманите на македонските туристички агенции.

Од 2018 година, се вративме на пазарот под нашето ново име Мerakzy со ревитализирана енергија и унапредена визија, со цел да направиме значаен придонес во модернизација на туризмот во Македонија и неговото фунцкионирање да го доближиме до светските платформи, како што се Booking.com и AirBnB.com. Трпеливо, со години го анализираме пазарот со цел да дознаеме со кои проблеми се соочува, постојано сме во контакт со агенции со цел да истражиме што им е потребно за поефикасно работење и да градиме платформа според глобалните стандарди за квалитет и техничка експертиза. Merakzy e сеопфатно, плодотворно и надградливо веб-базирано софтверско решение, кое благодарение на својата модуларна архитектура, може да се прилагодува на потребите на сите тур-оператори, субагенти и крајни корисници на услуги.

Нашата мисија е оптимизација и автоматизација на сите активности кои што се составен дел од работата на туристичките агенции и тур-операторите. Крајната цел, ни е да им овозможиме повеќе слободно време на агенциите, коешто тие отсега ќе можат да го насочат во брендинг, маркетинг активности и подобрување на односот со нивните клиенти. Паралелно на тоа, целиме и да ги оствариме потребите на современите патувачи на 21 век, кои се во потрага по подобра можност за брзо и ефикасно индивидуално разгледување, селектирање и купување аранжмани онлајн, 24/7 од нивниот компјутер, таблет или мобилен уред.

Тоа значи дека потенцијалните патувачи имаат можност на транспарентен и демократски начин, да направат брз преглед на стотици достапни аранжмани во само неколку минути, да разгледаат бројни висококвалитетни фотографии од сместувачките објекти и дестинациите и да прочитаат прецизни информации за истите, да ги споредат цените и да донесат финална одлука за купување, која можат лесно да ја направат од удобноста на нивниот дом, додека се со друштвото во кафуле или каде и да било. За сето тоа да стане реалност, потребно беше да започнеме од организаторите овозможувачите на туристичките услуги - агенциите и да им помогнеме да имаат дигитализирано, модернизирано и ефикасно работење, што од своја страна се надеваме дека ќе придонесе до позадоволни вработени, брзо остварување на компаниските цели на сопствениците и зголемен број на продажби во туристичките агенции ширум државава.

Можеби се прашувате зошто платформава ја крстивме токму Merakzy? Кога тргнавме во потрага по ново име и го започнавме нашето брејнсторминг патување, се водевме од нашата мотивација, зацртаните цели и интуиција. Се запрашавме: „Зошто го правиме ова?“,„Со која цел го создаваме?“,„Зошто луѓето би го користеле нашето решение?“. Преку давањето одговор на овие неколку едноставни прашања, дојдовме до нашето бренд-име Merakzy кое претставува кованица од грчкиот збор „Meraki“, што симболизира целосно внесување на душата, креативноста и срцето во сѐ што правиме во животот, во нашиов случај - внесување во меракот за патување! Бидејќи и самите сме големи љубители на патување во сите откриени и неоткриени шармантни места распослани ширум светот, ова име со едногласност извојува „победа“ помеѓу нашите останати идеи и предлози.

Доколку сакате да бидете дел од оние кои ја дигитализираат и подобруваат туристичката индустрија, се движат со брзо темпо напред, ефикасно ги решаваат сите секојдневни задачи и проблеми со помош на merakzy, тогаш стапете во контакт со нашиот упорен, цврст, позитивен и брзорастечки тим и дозволете ни заедно да постигнеме повисоки цели.

Тимот на Меракзи