Фејзбук бизнис страницата им овозможува на туристичките агенти директно да се поврзат со мрежа од пријатели, членови од фамилијата или разни други луѓе од заедницата, коишто имаат потенцијал да прераснат во клиенти на туристичката агенција. Колку повеќе луѓе ќе ја пронајдат, „лајкнат“ и споделат Фејзбук страницата на агенцијата, толку поголем ќе биде порастот на клиентите коишто ги услужувате и резервациите коишто ги правите.
Многу е важно Фејзбук бизнис страницата веродостојно да ја рефлектира компанијата во којашто работите, да опишува каков е вашиот тим, какви типови услуги нудите и каде заинтересираните странки можат да ве пронајдат и да стапат во контакт со вас. За таа цел, постои „About“ или „За компанијата“ секцијата на Фејзбук фан страниците, во која е многу важно да ги вклучите сите неопходни детали.
Во продолжение, погледнете ги клучните елементи коишто треба да ги вклучите за вашиот бизнис за туристички услуги, во оваа секција.
Уште додека ја креирате вашата Фејзбук бизнис страница, ќе ви бидат прикажани сите детали коишто е потребно да ги пополните за да имате добра промоција на вашата туристичка агенција. Доколку при креирањето на страницата сте скокнале дел од овие чекори, навратете се повторно на нив и пополнете ги, пред да започнете да ја промовирате на вашите фанови.
Најпрвин, треба да го впишете точното име на вашата туристичка агенција, како што е во оригинал, без да додавате други дополнителни зборови. Ако името е на кирилица, користете македонска поддршка од тастатурата, а доколку е збор од Англискиот јазик, користете англиска поддршка. Потоа, во бизнис категоријата од паѓачкото мени треба да селектирате „Travel Agency“, со цел корисниците на Фејзбук коишто се во потрага по туристичка агенција, да можат полесно да ја пронајдат вашата страница во резултатите. Ставете датум на основање на вашата агенција, со цел да им овозможите на посетителите на вашата Фејзбук страница, уште на првата посета да го откријат вашето ниво на искуство. Воедно, на тој датум е и годишнина од основањето на вашиот бизнис, што дополнително може да ви биде причина за роденденска прослава и добра промоција на вашата агенција, во последователните години.
Никако не смеете да го испуштите делот за додавање на начините преку кои луѓето можат да ве контактираат, особено телефонските броеви, е-маил адреси и веб-сајтот на вашата агенција. Исто така, битно е да се знае дека многу луѓе ја користат социјалната мрежа Фејзбук за да означат т.е. „тагнат“ разни бизнис страници во нивните ФБ објави, па затоа не заборавајте во „About“ секцијата да го вклучите и вашето корисничко име (username). Тоа треба да биде лесно за помнење (исто или слично на името на вашата агенција) со цел клиентите да можат лесно да ве пронајдат и да ја „тагнат“ вашата страница, а со самото тоа да ви прават и бесплатна промоција на истата.
Постојат две значајни полиња коишто треба да ги пополните во „About us“ секцијата, преку кои ќе им покажете на вашите посетители повеќе за вашиот бизнис и визијата која стои зад него.
Делот „About“ којшто се појавува под „more info“ е наменет за краток опис на вашиот бизнис. Тука треба да вклучите една до две реченици коишто јасно ја отсликуваат визијата на туристичката агенција во којашто работите и услугите коишто ги нудите. Делот „Our Story“ ви овозможува подолго и во повеќе реченици да ја опишете вашата агенција. На овој простор, можете да напишете кратка историја за тоа што ве инспирирало да станете туристички агент, да одговорите на прашањето зошто луѓето треба да ја посетат и следат вашата ФБ страница и на кој начин вашата агенција се грижи за своите клиенти да имаат фантастично искуство во текот на патувањата организирани од ваша страна.
- Доколку имате некаква специјалност, не заборавајте да ја вклучите и таа информација, бидејќи луѓето коишто бараат некоја поспецифична услуга, на брз и едноставен начин ќе дознаат дека вие ја нудите и ќе ве контактираат.
- Излистајте ги сертфикатите коишто ги имате и разните области на експертиза. Ова може да ви помогне да се истакнете во однос на конкурентските ФБ страници на туристичките агенции и да го зголемите вашиот авторитет и кредибилитет во очите на клиентите, уште пред тие да ве контактираат и запознаат.
- Напишете ги работните часови во коишто е отворена вашата агенција, како и точната локација на којашто се наоѓа вашето седиште.
- Доколку туристичката агенција во којашто работите е активна и на други социјални мрежи, тогаш дефинитивно тука можете да ги вклучите и линковите до тие профили. На овој начин, на луѓето коишто ретко користат Фејзбујк или повеќе преферираат други социјални мрежи, а сакаат да останат во контакт со вас, ќе им овозможите полесен пристап до вас.